Пензионери од повеќе градови денеска пред Собранието во Скопје излегоа на протест поради, како што велат, незадоволство од антикризните мерки.

Пензионерот Орце Давитков, кој е член на Иницијативниот одбор, при Здружение на пензионери „За достоинствен живот“ од Кочани, во изјава за медиуми рече дека нивните барања се, по пет илјади денари линеарно и 18 илјади денари минимална пензија, жените над 62 и мажите над 64 години да не плаќаат ништо во здравството, да бидат ослободени од партиципација. За, како што нагласи, последните денови од животот да ги поминат достоинствено.

– Наместо да одиме напред со пензиите, ние се враќаме назад, очигледно дека пензионерскиот систем не е добар, нагласи тој, додавајќи дека револтот кај нив е голем.

Барањата, како што рече, ги поднеле до Парламентот.

Моне Горгиев од Кочани, секретар на Здружението, рече дека имаат поддршка од една политичка партија, чии пратеници им рекле дека најбрзо штом ќе дошле на власт, ќе ги решеле проблемите на пензионерите.

– Пензијата не стига за трошоци. А не па за нешто друго, како бањско лекување, за тоа нема теоретски шанси. Пензионерот е доведен до работ на егзистенцијата, нагласи Горгиев.