Пензионери од Неготино денеска одржаа мирен протест на градскиот плоштад, незадоволни од пензионерскиот стандард. Тие одлучија во петок во девет часот да го блокираат влезот и излезот на Неготино, кај спортската сала.
Линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари, минималната пензија да изнесува 20 илјади денари, нова методологија за пресметување на пензиите. Ова се барањата што им беа соопштени на пензионерите на денешниот мирен протест во Неготино, а што беа утврдени на средбата на пензионери од повеќе општини, претставници на иницијативните одбори, што се одржа во петокот во овој град.
Целта на протестот, како што беше кажано, е повисок стандард и помирен живот.
-Недозволиво е зголемување на пензиите од 6,8 проценти. Не отстапуваме од нашите барања, беше нагласено на средбата.
На состанокот во петокот беа искажани и размислувања за блокирање на патишта, за да се сврти вниманието на јавноста, кон проблемите со кои се соочуваат пензионерите, со цел нивно решавање. Беше договорено да се побара прием кај премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски, за со нив да се поразговара за проблемите на пензионерите.
На средбата на претставниците на иницијативните одбори, беше договорено да се направи основачко собрание и да се официјализира оваа иницијатива „Пензионери за достоен живот“, со свои тела и органи. За раководно лице, претседател, беше избран Драган Угриновски.