Пензионерите од сите краишта на Македонија и денеска излегоа на протест во Скопје, бараат зголемување на пензиите, и оставка на „лидерката“ на пензионерите, која одби да ги прими на средба.

Од Сојузот на здруженија на пензионери не се согласуваат со протестите.

– Не сакаме 6 отсто сакаме достоинствени 78 отсто, Протест за преживување, Бараме 3.500 линеарно покачување, беа дел од пораките и транспарентите со кои пензионерите дојдоа на протестот пред Сојузот на здруженијата на пензионерите.

Тие побараа оставка од раководството на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, и побараа нивната работа треба да биде истражена од антикорупциската комисија и обвинителството.

Пензионерите побараа линеарно зголемување на пензиите и утврдување на минимална пензија.

Потоа се упатија кон Министерството за труд и социјална политика на средба со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

На патот кон Министерството за труд каде присутните извикуваа: Оставка, ништо туѓо не бараме, срамота…

Протестот почна со барање оставка од претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова.

– Овие барања се на сите пензионери од цела Македонија. Да им ги дадеме овие пензии да поживеат неколку месеци. Како не им е срам, младите си одат. Се запустија, здравство, земјоделие за никаде. Се уништија, а ми кажуваат статистика. Нема задоволен од неговата пензија, порачаа пензионери на протестот.

Пензионерите особено тие со најниски пензии тешко преживуваат:

– Земам 12.800 денари, не се живее со тие пари. И 3.500 денари се малку, барем 5.000 денари да ни зголемат. Ноќе умирам, дење воскреснувам: не знам каде парите да ги дадам, дали за струја, за вода или за ѓубре. За луксуз, за сирење, за праска, за тие работи треба да пишам крст, беше кажано од пензионерите.

Тие не планираат да запрат се додека не им се исполнат нивните барања. На политичарите им порачаа дека нивните 300.000 гласа секогаш го одлучуваат победникот на избори

– Излеговме и допрва ќе излегуваме на протест. Го поминавме цел работен стаж во Република МАкедонија, а сега земаме пензија од Северна Македонија. Не сме дојдени од старост и лудост, туку од старост и гордост. Не убедуваат дека 78 отсто е рамно на 6 отсто. Денес протестираме за сегашноста, а ни лепат паетиски етикети. Не видов тука никој да ја покаже партиската книшка, сега сме единствени. Бројката на пензионери е 300.000. Две третини се на работ на сиромаштија. Ние сме тие што излегуваме на избори и го решаваме победникот, а секогаш не изневеруваат. Ние сме тие што ќе ја создадеме иднината, ама не треба да бидеме понижени пред крајот на својот живот, беше кажано од пензионерите на протестот.