Шпанија денеска соопшти дека привремено ја повлекува фрегатата од борбената група предводена од САД во Персиски Залив.

Шпанското Министерство за одбрана не ја наведе причината за повлекување на фрегатата „Мендес Нуњес“ со 215 морнари.

Повлекувањето на шпанската фрегата укажува на дипломатските разлики помеѓу Европа и Вашингтон кон Иран.

САД испратија носач на авиони и бомбардери Б-52 на Блиски Исток како одговор на наводните закани од Иран врз американските сили во регионот.

Американскиот претседател Доналд Трамп сака да го пресече извозот на нафта со цел да изврши притисок врз Техеран да ја стопира својата нуклеарна програма.

Европска Унија ја дели загриженоста на САД за дејствувањето на Иран во Сирија, но Брисел го поддржува нуклеарниот договор со Техеран од 2015 година, од кој Трамп ги повлече САД минатата година.