Министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската Унија денеска изразија песимизам за излез од ќорсокакот со реформите што се прелагаат во областа на азилот, со што се намалуваат шансите за изнаоѓање компромис за прашањето до Самитот на Унијата што ќе се одржи кон крајот на овој месец.
Европската комисија предложи промена на правилата за азил во ЕУ уште во 2016 година за да помогне за порамномерна распределба во прифаќањето на бегалците во блокот, откако во 2015 година во Европа пристигнаа повеќе од еден милион мигранти.
Реформите беа закочени во врска со задолжителното прераспределување на барателите на азил во ЕУ, со оглед на тоа што на тој чекор остро се спротиставуваат неколку земји членки од Централна и Источна Европа.
– Ќе излеземе од таа дупка само ако сите сфатиме дека ни е потребен компромис, изјави министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн пред состанокот во Луксембург.
Тој сепак нагласи дека се сомнева оти тоа „ќе почне да се случува денеска“.
– Не мислам дека има реална шанса да постигнеме компромис, изјави австрискиот министер за внатрешни работи, Херберт Кикл. Тој истакна дека е еден од „скептиците“ во врска со преместувањето на кандидатите за азил.
На денешниот состанок не учествуваат германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер и неговиот италијански колега Матео Салвини, кој е лидер на антимигрантската партија Лига која е дел од новата италијанска Влада.
Европскиот комесар за миграција Димитрис Аврамопулос изјави дека се уште има „многу време“ за постигнување на договор. Според него нема да има големо значење ако крајниот рок се помести за после јуни.