Одлуката на бугарските власти да не дозволат прелет на авион со официјалната претставничка на руското МНР Марија Захарова кон Македонија „не се вклопува во ниедна рамка“ и тоа е „апсурден и глупав став“. Тоа денеска го изјави Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател.
„Таквиот став на бугарските власти тешко може да се објасни со нешто – ова е првата работа. Второ, тоа, се разбира, не се вклопува во ниедна рамка. Трето, тоа е апсолутно апсурдно и, дури може да се каже , глупаво“, рече претставникот на Кремљ.
„Апелирам до бугарското раководство и да ги повикам да се обидат со сите сили да задржат присебност во одлуките што ги носат“, заклучи тој.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна рано утрово во Скопје за да учествува на Советот на министри за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Авионот летал над Турција и Грција, иако претходно се очекуваше рутата да минува низ Бугарија. Бугарската страна одбила да дозволи авионот на рускиот министер да прелета доколку во него е портпаролката на руското МНР.
Захарова на Телеграм објави дека одлуката „…Не е само за глупост, туку опасната глупост на некој интригант во структурите на моќ во Бугарија“.
Засега нема коментар од бугарските власти за нивниот потег.