Кремљ денеска соопшти дека предупредувањето на американскиот претседател Џо Бајден дека Русија ќе се соочи со потенцијално разорни последици не помага да се смират тензиите околу Украина и може дополнително да ја дестабилизира ситуацијата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ова го кажа денеска откако Бајден вчера предвиде дека Русија ќе тргне на Украина и предупреди дека во случај на инвазија ќе плати висока цена за тоа.
Акумулацијата на руски војници на границата со Украина и заканувачката реторика во последните недели го вознемири Западот и ги зголеми стравувањата дека Русија може да употреби воена сила за да ја спречи Украина да се приближи кон НАТО и Западот.
Запрашан да ја коментира изјавата на Бајден, Песков рече дека во последниот месец Русија е постојано изложена на такви закани.
-Сметаме дека тоа на никаков начин не придонесува за смирување на тензиите во Европа, туку дека може дури и да придонесе за дестабилизација на ситуацијата, рече Песков.
И покрај спротивните изјави на Киев, Песков вели дека Москва стравува дека американските закани со санкции би можеле да ја поттикнат Украина да се обиде со сила да го реши осумгодишниот конфликт со проруските бунтовници на исток од земјата.
-Тоа не загрижува, рече Песков на прес-конференција.