Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во разговор со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган истакнал дека Москва останува подготвена за преговори со Украина, но оти ситуацијата и условите се променети.
– Претседателот наведе дека Русија останува подготвена за преговори. Но, ситуацијата се промени, а исто така и условите, посочи Песков.
Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу вчера изјави дека Путин му рекол на Ердоган дека постои можност да се врати на преговорите со Киев, но под нови услови.
Чавушоглу во Токио, каде присуствува на погребот на поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе, посочи дека Путин ова го кажал во разговорот со него на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка, што неодамна се одржа во Самарканд.