Кризниот штаб за општините Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше на денешниот состанок ја оцени состојбата со пандемијата во поширокиот гостиварски регион како стабилна, но граѓаните треба да посветат повеќе внимание на личната заштита.

Првиот човек на Кризниот штаб, Арбен Таравари, информираше дека изминативе денови е регистриран уште еден позитивен случај на Ковид-19, со што во трите гостиварски општини во моментов има пет активни случаи. Новоинфицираниот е лице од општина Врапчиште каде со него, во моментов, има два активни случаи, а исто толку има и во Маврово Ростуше и еден во Гостивар.

-И покрај олабавувањето на мерките, граѓаните треба да бидат внимателни и да ги почитуваат пропишаните мерки кои се однесуваат на социјална дистанца, носење маски и зголемена хигиена, наведе Таравари како еден од заклучоците по состанокот.

Од Кризниот штаб уште еднаш упатија барање до централните власти да се скрати времетраењето на полицискиот час и тоа во иднина да биде од 23 до 05 часот наутро. Како второ барање, Централниот штаб да дозволи во гостиварскиот регион отворање на угостителските објекти кои имаат летни тераси и со почитување на безбедносните протоколи. Според Таравари, ова барање се заснова врз потребите на граѓаните и угостителите бидејќи, како што напомена, во значителна мера ќе придонесе за закрепнување на локалната економија.

Запрашан за коментар околу бројот на тестирани кој во моментов во гостиварско достигна 260 лица, Таравари смета дека тоа е недоволно и дека според бројот на жителите во трите општини, минималниот број на тестирани треба да изнесува над 1.000 лица.

-Очекувам бројот на тестирања да се зголеми со отпочнување на скринингот во градинките. Тој почна денеска и се надевам дека нема да открие инфицирани меѓу воспитувачките, негувателките и останатиот технички персонал. Доколку сè биде во ред очекувам и брзо отворање на објектите за згрижување на деца, рече Таравари.

Тој смета дека што поскоро скринингот треба да ги опфати и здравствените работници во јавното и приватното здравство.