На концерт во Сули ан на 21 јуни беше промовирaн деби-албумот „Соборот на граматиките“ или „Соборот на зборовите“ (Conference of Grammars) на Петар Саркањац, кој во 2023 дипломирал на колеџот за музика „Беркли“ (Berklee College of Music) во Бостон, САД.

Тој е композитор, текстописец и продуцент на овој проект, на кој работел една деценија. Албумот вклучува десет песни, како што вели авторот – граматики или поетики за секоја емоција на патот од небиднина до постоење (битие): волја, вечност, заедништво, страст, расудба, неколебливост, јанѕа и милост.

– Тие треба да бидат универзални, голи и сурови – затоа најголемиот дел од Соборот го носат само глас и гудачки квинтет – наведува младиот музичар од Скопје во претставувањето на дебитантскиот албум.

Песните се напишани на пет јазици: англиски, македонски, шпански, португалски и турски, а музиката што ја компонирал има примеси на самба, фадо, џент (метал) и фолк, аранжирана за гудачки квинтет.

Петар Саркањац во интервју за МИА појаснува дека сите се определени од истата филозофија, но, вели, како што прогресира албумот, така еволуира и филозофијата.

– Се гледам како растам од несигурност во решеност или од опскурен нихилизам во конкретен оптимизам, среќен и присутен во секојдневието наместо заглавен во апстрактни мисли – изјави музичарот.  Многу е задоволен од концертот на кој го промовира деби-албумот затоа што многу луѓе биле трогнати од емотивноста на музиката.

На концертот во Сули ан настапија вокалисти и гудачки квинтет (две виолини, виола, виолончело, контрабас, како и класична гитара на една од песните) со членови од Националната опера и балет и од Филхармонијата. Шест дена пред концертната промоција прва излезе деветтата песна од албумот, со наслов „Олимп“ (или: Граматика на милоста), испеана од Андријана Јаневска.

На престижниот колеџ за музика „Беркли“ во Бостон, Петар заминал по матурирањето во средното училиште НОВА, каде што свирел во бендот воден од Иво Солдатовиќ. Учел клавир во нижо музичко, но главно одел на часови за гитара кај Бојан Трајковски, Ади Имери и Дарко Тасев.

За едуцирањето на „Беркли“ вели дека го насочило сериозно да го сфати занаетот и колку високи треба да се стандардите во продуцирањето музика. Таму завршил двојни студии – на насоката за аранжирање, продукција и композиција (Contemporary Writing and Production), која, како што вели, е инспирирана од сестраноста на музичкиот продуцент Квинси Џонс, и на Game Audio and Interactive Media Scoring – нова насока на „Беркли“ отворена кога тој ги почнал студиите.

Во интервјуто младиот автор кажува и каде би ја градел кариерата и каква музика слуша во слободно време.

Албумот на кој работевте десет години на 21 јуни во Сули ан се сретна со публиката – се совпаднаа ли нејзините реакции со Вашите очекувања, задоволен ли сте од концертната промоција?

– Многу луѓе беа трогнати. Не сум сѐ уште толку свесен дека е толку емотивна музиката и дека толку може да допре до некого. Многу сум разнежнет какви реакции имаше на концертот.

Многу блиску ми пријдоа луѓе со насолзени очи по концертот. Многу сум задоволен, но секогаш може подобро. Ќе се трудам следниот концерт да биде уште подобар.

Жанровски се разновидни песни, како што велите – песни за секоја емоција, текстовите се на повеќе јазици, создавани се во разни периоди и околности… Што е заедничко, нешто што ги држи обединети во насловот „Собор на зборовите“?

– Најзаедничко нешто е музичкиот идиом или како е сето тоа аранжирано, апстрактноста на текстот, нелинеарноста, што сметам дека ги прави поуниверзални песните наместо нешто што само јас сум го доживеал.

Сите се определени од истата филозофија, ама како што прогресира албумот, така еволуира и филозофијата. Се гледам како растам од несигурност во решеност или од опскурен нихилизам во конкретен оптимизам, среќен и присутен во секојдневието наместо заглавен во апстрактни мисли.

Предизвик ли е за млад музичар да биде комплетен автор на својот прв албум – самиот работевте на текстот, музиката, аранжманот на песните?

– Предизвик е. Стопати проверував сѐ: штимови, партитури, текстови, миксови и пак нешто ќе фали. Сам работев на аранжманите, текстот и музиката, но имав помош со снимање и едитирање.

Снимав вокали во Бостон со онлајн-сесии, а гудачкиот квинтет и некои вокали ги снимав во Скопје, во студиото на Антоние Весковски.

Колку образованието на „Беркли“ Ве изгради како автор и Ви ги промени творечката преокупација и интересите во музиката што ги имавте пред да заминете да се едуцирате на престижниот музички колеџ?

– Немав претстава каков е музичкиот свет пред да одам таму. Јас си творев повеќе за себе и немав намера да го усовршам занаетот и да финализирам некое дело. Училиштето ме насочи сериозно да го сфатам занаетот. Сфатив колку високи треба да се стандардите и колку е тешко да се продуцира музика како што треба.

Покрај тоа, некои курсеви беа многу инспиративни. Една од песните ја напишав на курс за пишување песни (Songwriting for Social Change) и главната цел беше до крајот на семестарот да напишеме некоја песна што обработува или коментира на некој светски проблем. Ме инспирираа колегите многу. Еден колега презентира песна со неверојатен развој во динамика и совршена структура на песна. Тоа придонесе во креативниот процес на „Олимп“. Друг колега ме инспирира да направам аранжман на тапан со сличен контраст во секции, тоа ми беше битно за Askance.

Пред да отидам бев на сите страни и нефокусиран. Учев разни јазици и читав разни филозофии. Беше убаво, но неструктурирано. На факултет таа сестраност малку се запостави бидејќи многу време изискуваа часовите. Сега си наоѓам добар баланс на рандом-интереси и на занает.

Кои се Вашите професионални планови, каде би ја граделе музичката кариера?

– Сега за сега Македонија е добра отскокна штица. Убаво е, но сметам дека може поголема публика да се најде во странство. Главно во Европа и Америка мислам дека може да се изгради кариера со музика како мојата.

Каква музика сакате да слушате во слободно време, имате ли омилени автори, песни?

Во последно време не ми се слуша многу музика. Малку ми се одмора и ми се слуша лесна музика, најчесто поп. На часовите по диригирање на факултетот се заљубив во Petit Poucet од Ma mère l’Oye на Равел, „Жар-птица“ и „Петрушка“ од Стравински и операта „Ромео и Јулија“ на Чајковски.

Џон Адамс го обожавам. Најмногу се пронаоѓам во неговиот музички идиом, особено Harmonielehre и Short Ride in a Fast Machine. Обожавам бразилска музика. Еден професор од факултетот ми ја покажа песната Adeus América од албумот In Tokyo на Жоао Жилберто. Тоа ми е омилена бразилска песна, покрај аранжманите на Trio Esperança, што ги слушав во автомобил како мал. Сум израснал со Metallica и Meshuggah, така што тие ми се многу битни бендови. Од метал-бендовите сега најмногу ги слушам Vildhjarta. Од метал-песни омилена ми е Cemetery Gates од Pantera.