Приближувањето на Македонија кон Европската Унија не започнува со членство, туку претстои долг преговарачки период кога може да се надминуваат најчувствителните прашања, рече бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за радио Дарик.
Тој додава дека историјата не може да се заборави и не треба да се игнорира, но во истовреме ни да се наметнува погрешен пристап.
– Не можеме да пристапиме со „заборави сѐ што знаеш досега и прифати сѐ како што јас ти велам“. Тој пристап не функционира. Да се пушти Македонија на патот кон Европа, не значи дека Македонија се пушта во Европа. Има 15 години од оваа до втората точка. Во тие 15 години има 27 поглавја да се отворат. Ако направиме процес да се развива историската вистина, да се отстрани дискриминацијата и јазикот на омразата и тој процес има јасен механизам како да се исчистат тие елементи – вели Петков.
Според најавите од Софија, во вторник на први февруари ќе се одржи првиот состанок на една од новите работни групи. Во Скопје ќе пристигне бугарскиот тим од комисијата за економија, трговија и иновации. Три дена подоцна ќе се случи и најавеното заедничко чествување на Гоце Делчев по повод 150 години од неговото раѓање, но без присуство на премиерите Димитар Ковачевски и Петков.