Европа ќе ги финансира сите добри идеи насочени кон заштитата на човековите права и слободи и гарантирање на перспективата земјите да бидат културно, цивилизациски и образовно поврзани во рамките на Европската Унија, изјави европратеникот Илхан Ќучук на маргините на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“.

– Дадовме една добра оценка за постигнатото во изминатите неколку недели. Поставиме почеток на една заеднички дискусија и продолжуваме со нашата програма, при што ќе посетиме училиште во Чаир. Она што е важно е да се спомнуваат добрите примери во рамките на образовниот процес. Целта ни е да ги поврземе училиштата и да создадеме нови можности за младите, додаде Ќучук.

Запрашан дали е можна европска перспектива и решение, ако од бугарска страна се негира македонското малцинство, а се баре вклучување на Бугарите во Уставот, Ќучук истакна дека такво барање има не само од Бугарите, туку и од Хрватите и Црногорците

– И тие бараат да бидат запишани во Уставот на РС Македонија. Тоа треба да се случи на еден разумен начин и во рамките на процедурите. Процесот е долг, но гледам дека има желба за разговор за оваа тема, истакна Ќучук.

Не давајќи дециден одговор околу правата на Македонците во Бугарија, тој нагласи дека до решенија ќе се дојде заедно со образовната, културната и инфраструктурата поврзаност.

Запрашан дали е во комуникација со бугарскиот премиер Кирил Петков, Ќучук изјави дека немал средба со него, нагласувајќи дека како известувач на Европскиот парламент за земјава негова задача е да работи активно со граѓаните на Македонија и со претставниците на политичките структури.

– Да го слушнам секој еден глас, кој ќе ми каже во која насока се движи македонската демократија, колку високи се стандардите, каде има отстапки, додаде Ќучук.