Воениот полигон Криволак ќе биде терен на кој своите вештини ќе ги усовршуваат украински војници, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска за украински медиуми, а пренесе ТВ Сител.
Таа во интервју за украински медиум вели дека се планира да се обучуваат 400 војници на украинската армијакако дел од поддршката на нашата земја за Украина.
– Да, ние веќе предложивме на властите во Украина дека сме подготвени да прифатиме околу 400 украински војници кои би биле тренирани во нашата база во Криволак. Повеќе од сигурна сум дека во следниот период вакви обуки ќе бидат направени и морам да кажам дека ова е само еден од начините преку кои овозможуваме поддршка за Украина. Знам дека и други земји членки на НАТО обезбедуваат ваква обука, за која сме свесни дека е потребна во моментов и секако на овој начин ја покажуваме нашата поддршка за Украина, вели Петровска.
Засега, како што пренесе ТВ Сител, од Министерството за одбрана не откриваат кога ќе пристигнат украинските војници, а нема информации ниту колку ќе трае нивната обука. Петровска вели дека, тренингот ќе го поддржува македонската армија, но не открива дали ќе се вклучат и други армии од земјите членки на НАТО.
– Програма за нивната обука ќе биде направена во координација со потребите на украинската страна. Практично, македонската војска е на располагање за потребите кои ќе ги имаат и на тој начин ќе биде реализирана и обуката, вели Петровска.
Претходно Македонија донираше 30-ина тенкови и 12 хеликоптери, за кои македонските власти тврдеа дека повеќе не биле дел од вооружувањето на армијата. Нивната вкупна вредност е процената на 30 милиони евра.
Видеото може да го отворите ТУКА.