Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека не гледа задна намера во сите пораки кои ги слушнавме изминатите денови од амбасадорката Анџела Агелер и од претставниците на САД, туку напротив, како што посочува, смета дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме.

Прашана за тоа како најавата на амбасадорката Анџела Агелер за нови имиња на „црната листа“ влијаат на нашите евроинтеграциите, Петровска пред почетокот на денешната регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“, нагласува дека не само во делот на одбраната САД се наш стратешки партнер од осамостојувањето на оваа држава.

– Сите ние сме сведоци низ какви премрежија поминавме и во блиската и во подалечното минато, какви се’ одлуки моравме да донесеме коишто можеби на моменти беа тешки, беа политички предизвикувачки меѓутоа сепак беа донесени за да можеме да ги оствариме нашите стратешки цели. Во сите оние пораки кои ги слушавме и вчера, меѓутоа и во изминатите денови и од амбасадорката и од претставниците на САД јас не гледам задна намера. Напротив, сметам дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме, вели Петровска, одговарајќи на новинарско прашање.

Како министерка за одбрана и пред се како граѓанин на оваа држава, таа нагласува, дека корупцијата претставува безбедносно прашање.

– Ако немате контрола на тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого се ќе финансираат и на каков момент, сега не зборуваме за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент можат да ја дестабилизираат државата на каков било начин. И ова не зборувам само за С. Македонија, туку каде било, вели Петровска.

Борбата против корупцијата, подвлекува Петровска, не треба да биде декларативна и очекува и сега, меѓутоа и во иднина институциите во нашата држава поагилно да реагираат.

-Се работи и на измена на законодавството со кое што во иднина да можеме лицата кои ќе се најдат на црни листи или на каков било начин ќе претрпат санкции дали тоа ќе биде од ЕУ или од нашите стратешки партнери ќе можат веднаш без одлагање да бидат преземени мерки и во РСМ. Ова е само еден мал сегмент, меѓутоа навистина е значаен ако сакаме навистина да се справиме со корупцијата, рече Петровска.

Според Петровска, конечна борба или конечна победа против корупцијата никој не постигнал, но тоа не значи дека треба да бараме изговори, туку напротив треба да даваме решенија и да покажеме активности.

-Без разлика колку понекогаш е тешко да ги донесеме одредени одлуки, меѓутоа верувајте дека европската интеграција на нашата држава при минувањето на оваа точка во која што во моментот стоиме е вистинското решение и за борбата против корупцијата и за подобрување на состојбите во целото општество. Само со мало приближување, а тоа го направивме со завршувањето на процесот на скринингот и одржувањето на првата меѓувладина конференција многу голема поддршка се отвори и за давање на РС Македонија и во финансиска смисла, меѓутоа и во секаква смисла во делот на подобрување на процесите внатре во државата, оценува Петровска.

Евроинтеграцијата, посочи таа, не ја правиме заради големите земји и заради тоа што некој тоа го бара од нас, туку, како што вели, тоа го бараме како резултат на поддршката кои граѓаните на оваа држава ја даваат.

Фото: МИА