На денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Македонија, министерката за одбрана Славјанка Петровска ги запознала членовите на Комисијата со Информацијата и потребата на АРМ за набавката на современ систем за противвоздушна одбрана.

– Станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата, за чија цел Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција, стои во соопштението од МО.

Станува збор за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.

Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата.

Од МО информираат дека во согласност со Законот за јавните набавки во одбраната и безбедноста, Министерството за одбрана на Македонија наскоро ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција, за кој јавноста ќе биде подетално информирана и за типот на воена опрема и за динамиката на испорака.

Во изминатите две децении, се наведува, не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на  Македонија.