Заменик-дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска денеска преку соопштение ги повика вработените во Министерството да го задржат својот професионален и личен интегритет и да се спротивстават на секој обид на враќање на „некои стари навики на беззаконие и диктаторско однесување“.
Соопштението е реакција на последните случувања во МВР, откако Владата вчера на седница донесе одлука за поништување на решенијата за распоредување во Министерството кои беа донесени пред 3-4 дена од техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.
-Работењето во Министерството за внатрешни работи согласно законите и прописите е основата за спроведување на фер, слободни и демократски избори, што е главна цел заради што е формирана оваа техничка Влада, нагласи Петровска во својата реакција.
Таа напомена дека Владата вчера донела одлука за поништување на решенија, при чие донесување министерот Наќе Чулев, намерно или од незнаење, не ги почитувал важечките законски и подзаконски акти.
-На секој правник му е јасно дека одлука донесена во законска процедура не може да биде суспендирана врз основа на телеграма, па затоа доколку тој не се сложува со одлуката на Владата на РС Македонија, треба тоа да го изрази согласно законските процедури пред институциите, а не со телеграма. Истовремено, тој не смее да ја злоупотребува својата позиција и да ги поттикнува вработените да сторат повреда на законот и да не ја почитуваат одлуката на Владата, додаде Петровска.
Како што соопшти владината прес служба, вчера на седница на Владата, врз основа на Законот за Влада на Македонија, усвоена е одлука за поништување на 89 решенија за распоредување на работно место што ги донесе техничкиот министер за внатрешни работи Наке Чулев на 6 и 7 февруари оваа година.