На маргините на министерскиот состанок во седиштето на НАТО во Брисел, министерката за одбрана Славјанка Петровска имаше одвоени средби со министрите за одбрана – Матеј Тонин на Словенија, Стефан Јанев на Бугарија, Николаос Панагиотопулос на Грција и со Хулуси Акар, министер за одбрана на Турција.

-Министерката Петровска и бугарскиот колега Јанев ја потврдија добрата одбранбена соработка меѓу С. Македонија и Бугарија и беа разгледани можностите за нејзино зајакнување.  Петровска се сретна и со грчкиот министер за одбрана, Панагиотопулос, со кого ја поздравија засилената соработка во одбраната и се согласија дека двете земји се посветени сојузници.  На билатералната средба со министерот за одбрана на Турција, Акар, двајцата министри се согласија да ја зајакнат одбранбената соработка со заеднички вежби и обуки, и во контекст на модернизацијата на Армијата, соопшти Министеството за одбрана.

Министерката Петровска утрово имаше средба со колегите од земјите учеснички во мисијата на НАТО за одвраќање и одбрана „Enhanced forward presence” во Латвија под раководство на Канада. Во оваа мисија неколку години учествуваат Канада, Шпанија, Италија, Чешка, Полска, Албанија, Исланд, Словенија, Словачка, Латвија, Црна Гора, а со одлука од минатата година и Северна Македонија. Нашиот контингент, се наведува во соопштението, летово ќе биде упатен во склоп на контингентот на Словенија.

Петровска во Брисел: Двојно го зголемивме буџетот за одбраната

Македонија има стабилен  раст на одбранбениот буџет кој годинава достигна 1,77 проценти од бруто-домашниот производ, а до 2024 година ќе се искачи до проектираното ниво од 2 проценти од БДП. Истовремено, државата континуирано вложува и во модернизацијата на вооружените сили и имајќи предвид дека модернизацијата опфаќа над 30 проценти од буџетот за 2022 година, земјава се вбројува во групата од 24 НАТО сојузници кои по таа основа веќе ги исполнија насоките од Самитот на Алијансата во Велс.

Како што соопшти Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска за овие значајни достигнувања ги информирала министрите за одбрана на сојузничките земји на сесијата посветена на буџетирањето и издвојувањето за модернизација на Армиите на земјите членки.

Министерката посочила дека буџетот за нашата одбрана за 2022 година е двојно поголем од буџетот пред само четири години, што покажува дека земјата во целост ги почитува одлуките кои заеднички се носат во НАТО.

-Земјата на минатиот министерски состанок на НАТО ги доби своите цели на способности и веќе започна со нивна имплементација, особено имајќи предвид дека тоа е поддржано и со потребни финансиски средства. Во контекст на модернизацијата, во тек е набавката на нови оклопни транспортери од американско производство за Армијата, преку повеќегодишни договори од типот Влада со Влада, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.