Дали Њујорк стана дипломатски џубокс, прашува поранешниот шеф на македонската дипломатија и актуелен претседател на на собраниската комисија за надворешна политика на Собранието на Македонија, Антонио Милошоски.

– Доколку министерот за надворешни работи Бујар Османи предложил, а Владата донела одлука за Генерален конзул на Македонија во Њујорк да ја именува ТВ-презентерката Бесмира Ејупи, тогаш одлуката е спротивна на Законот за надворешни работи, вели Милошоски.

Тој натаму во неговата објава на Фејсбук цитира членови од законот што ја регулира оваа материја:

– Имено, во чл.49 од Законот, прво е наведено дека по правило за Генерален конзул се именува дипломат со високо дипломатско звање од МНР. По исклучок, доколку не е кариерен дипломат, тогаш треба да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи. Бесмира Ејупи можеби е амбициозна, но не ги исполнува законските услови за Генерален конзул, бидејќи ниту е дипломат со високо звање во МНР, ниту сме забележале дека е афирмирана личност во надворешната политика. Истото важи и за лицето Петрит Муслиу, на кого му ја исполниле желбата да биде Генерален конзул во Чикаго. И оваа владина одлука е незаконита, бидејќи и Петрит Муслиу не е дипломат со високо звање во МНР, ниту е афирмирана личност во надворешните односи. Тоа што неговиот шура Каевски е пратеник од СДСМ, или што неговиот татко (Алберт Муслиу з.н.) е провладин аналитичар на ТВ дебати, не може да биде основ за релативизирање на законските услови, наведува Милошоски.

Тој се осврнува и на третиот предлог, за Љубомир Фрчкоски:

– Со овие незаконити одлуки за генерални конзули може да се поврзе и спорната номинација на проф. Фрчкоски за амбасадор во ООН во Њујорк, кого официјален Вашингтон со сериозни забелешки го одби за амбасадор во Америка (САД). Сума сумарум, испаѓа дека Њујорк станал дипломатски џубокс каде желбите на владините миленици се побитни од десетиците професионалци во МНР кои со години ја градат кариерата, а не добиваат фер шанса за ангажман, пишува Милошоски во објавата на Фејсбук.