Оставката на премиерот Зоран Заев е многу јасна, очигледно е дека опозицијата селективно ги следи медиумите и известувањата. Заев и во Владата и во партијата поднесе оставка, но како политичка партија во органите на партијата одлучивме тие да бидат одложени се до целосно стабилизирање на државата, изјави Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ на денешната прес-конференција.
Прашана како очекува да дојде до расплет на политичката криза и дали работат на зголемување на парламентарното мнозинство, Петровска истакна дека еден од процесите за стабилизација на државата и зголемување на мнозинството бил денот кога опозицијата сакала да изгласа недоверба на Владата.
Таа додава дека е јасно оти опозицијата го нема долго најавуваното парламентарно мнозинство.
– Како политичка партија сериозна и посветена на демократските процеси во државата остануваме отворени за понатамошна комуникација со сите политички партии, особено со оние кои ги делиме истите вредности, истакна пратеничката Петровска.