Пратеничката од СДСМ и една од кандидатите за партиски лидер, Славјанка Петровска, смета дека со оставката на Зоран Заев од лидерската позиција се мислело дека ќе се решат проблемите во партијата.
– Можеби е една од грешките во 2021 година, уште тогаш имавме лош резултат на локалните избори. Се проценуваше дека со оставката или со повлекувањето на Зоран Заев од функцијата лидер и премиер ќе се надминат проблемите. Но, се виде дека погрешна одлука, или недоволна анализа на резултатите доведоа до одредени процеси и затоа денеска во 2024 година резултатите се катастрофални за СДСМ – рече Петровска за „Дејли клик“.
Таа додава дека не сака тоа да му се случува на СДСМ.
– Мотивацијата за тоа да се кандидирам за претседател на СДСМ, освен стажот, пред сѐ го црпам од тоа дека сега е времето, особено и заради овој лош резултат меѓутоа и заради сите општествени околности, но и сум подготвена да преземам одговорност да бидам предводник на реформите и предводник на промените кои неминовно мора да се случат – порача Петровска.