Екипата на Шкендија Тетово е нов лидер на табелата на Првата фудбалска лига со максимален ефект по трите одиграни кола. Во последниот дуел од третата рунда тетовчани во вториот дел успеаја да „го скршат“ отпорот на Брегалница Штип.
Шкендија поведе со голот на Александер Трумчи во 61. минута, а пет минути подоцна преку Ендрит Красниќи зголеми на 2:0. Мартин Стојанов во 86. минута намали на 2:1, но во судиското надополнување на вториот дел екипата од Тетово постигна уште два гола. Стрелци беа: Фад Нзенгуе во 90+1. минута и Арбен Зејнулаи во 90+4. минута од пенал.
На првиот денешен дуел од оваа рунда во дербито Струга ТЛ го победи шампионот Вардар со 1:0.
На претходно одиграните натпревари: Силекс – Скопје 3:0, Тиквеш – Шкендија Арачиново 0:1 и Арсими – Башкими 1:0.
Шкендија Тетово е прва со 9 бодови, пред Силекс и Струга ТЛ кои имаат по 7.
МИА




