Плејмејкерот на Јувентус, Миралем Пијаниќ, ги отфрли сите гласини дека во моментов бара начин да ги напушти „бјанконерите“. Бошњакот изјави дека за таква идеја дури не ни помислил.

Дваесет и девет годишниот поранешен фудбалер на Лион и Рома, призна дека не е сигурен дали клубот ќе сака да го задржи после разочарувањето од напуштањето на Лигата на шампионите минатата сезона. Уште повеќе, „црно-белите“ се засилија со двајца нови играчи во средниот ред – Арон Ремзи и Адриен Рабио.

Сепак, пристигнувањето на Маурицио Сари како ментор ја променило ситуацијата, бидејќи наследникот на Масимилијано Алегри ветил дека ќе го стави Пијаниќ во центарот на средниот ред.

– Со оглед на неговиот фудбал, мојата позиција е многу важна. Мојата задача е да направам 150 допири со топката за време на натпреварот. Без разлика дали тоа е 120 или 150 – не ми е важно. Она што е важно е да играм добро, да ослободам простор за моите соиграчи и да создавам стил на игра, која е пријатна за окото. Ќе се забавуваме со овој тим. Никогаш не сум мислел да го напуштам Јувентус. Имав неверојатни односи со Алегри и многу се смеевме на овие шпекулации. Многу сум среќен во Торино, опкружен со фантастични фудбалери и сакам да бидам уште подобар и да им помогнам на моите соиграчи, вели Бошњакот за „Ла Стампа“.