Екс генералниот секретар на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, во својство на сведок на денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ кажа дека никогаш не му однел пари во кеш на обвинетиот Никола Груевски, ниту пак имал информација дека екс-премиерот примал донации без негово присуство.

Сведочењето на Божиновски, доаѓа по предлог на одбраната откако на почетокот од декември, како сведок на обвинителството, се појави екс-директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, кој во својот исказ зборуваше дека се случувало да добива пакети во неговата канцеларија кои биле наменети за Божиновски, а во еден момент се посомневал дека освен документи во нив можеби има и пари.

Но, спротивно од ексдиректорот на ЕЛЕМ, Божиновски тврдеше дека Чинговски никогаш не му доставувал пари или документи кои биле поврзани со партијата.

„Не ми носел други пратки, се било врзано со работата на двете институции, на ЕЛЕМ и Владата. Од средината на 2011 па натаму тој немаше ниту една партиска функција. Така што, посебна комуникација или соработка во врска со партијата сум немал со него. Но, како генерален секретар на Владата тој често како директор на ЕЛЕМ, како и сите други институции, ми доставуваше информации, разни одлуки, извештаи итн., кои беа проследувани на владина седница“, рече Божиновски.

На судењето по прележаниот ковид, денеска се појави и екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој во овој случај е обвинет за помагање на перење пари, а по дадената гаранција од 11 милиони евра, со одлука на Апелација сега се брани од слобода..

Покрај Груевски и Мијалков, во случајот се обвинет е и бизнисменот Орце Камчев, како и неколкумина поврзани со нив. Случајот го води судијата Илија Трпков, а обвинителството го застапува Лиле Стефанова. Следното рочиште е закажано за 28 јануари.