Еверестинг е предизвик за искачување на висинска разлика од 8848 метри во местото каде што живееш со цел да се постигне приближен ефект на искачување на највисокиот врв во светот Монт Еверест.

По 22 непроспиени часа, искачена висинска разлика од 9.600 метри и поминати 42 километри, младите скопјани Ивана Јовановска и Јован Димовски успешно го завршија предизвикот Еверестинг челинџ. Двајцата се членови на најбројниот планинарски клуб „I love hiking – Macedonia“.

Дополнителен подвиг за планинарката Ивана Јовановска беше што цели 22 часа планинареше без обувки на нозете. Предизвикот го започнаа во 21 часот вечерта во петок, а го завршија во 18:30 часот во сабота.

-По непреспиени 22 часа, искачени преку 9 илјади метри и поминати скоро 42 километри со Ивана успешно го извршивме Еверест предизвикот. Чувството е прекрасно, ние се чувствуваме уште подобро, но малку сме изморени. Сакам да упатам посебна благодарност до мојот матичен клуб “I love hiking Мacedonia” кој го организираше целиот настан и се грижеше за нас како учесници. Исто така огромна благодарност до сите што дојдоа и ни ја дадоа несебичната и искрена поддршка!Дечки, ни бевте ветер во грб да знаете! Не можам да ви објаснам колку сум ви благодарен”, објави на Инстаграм, Димовски.

Целта на предизвикот Еверест е побудување на свеста кај жителите на Македонија за здравиот начин на живот и можноста за спорт која ја нуди околината во надворешни услови. Целото искачување се пријавува во меѓународна асоцијација и влегува во светска статистика.

-Во нашиов случај за прв пат во земјата имаме девојка која боса искачи преку 9 илјади метри, или 21 пат се искачи до крстот на врвот од средно Водно. Јован Димовски е најмладиот учесник на ваков настан. Правилото во предизвикот е дека не смее да се спие во целиот процес, велат од планинарското друштво I love hiking – Macedonia.

М.П.