Црна Гора нема да ги затвори преговорите за Поглавјето 31 – надворешна, безбедносна и одбранбена политика сè додека не се реши прашањето за демаркација на земјиштето, а секое доведување во прашање на копнените граници ќе биде протолкувано од Хрватска како територијални претензии на Црна Гора кон неа – изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

„Можам слободно да кажам – Поглавјето 31 нема да биде затворено сè додека не се реши прашањето за демаркација на земјиштето. Јасна порака што не може да биде појасна, а воедно и пријателска“, рече Пленковиќ по пристигнувањето на вонредниот самит на лидерите на ЕУ.

„Хрватска ќе го протолкува секое доведување во прашање на копнената граница како територијални претензии на Црна Гора кон Хрватска. Зборувам експлицитно, мислам на Превлака“, рече Пленковиќ.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, вчера, во Брисел изјави дека инсистирањето на Хрватска да го реши граничното прашање со Црна Гора додека земјата преговара за влез во ЕУ „изгледа како уцена“. Тој најави дека Подгорица набргу ќе испрати до Загреб предлог за целосно решение за границите на копно и на море, а доколку Хрватска не го прифати, останува меѓународен суд или арбитража.

Пленковиќ рече дека арбитражата не доаѓа предвид.

„Арбитражата не е опција за нас, да бидеме јасни“, рече тој.

Тој го критикува политичкиот наратив на Црна Гора дека и Хрватска влезе во Европската Унија без да го реши прашањето за границата со Словенија.