Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, синоќа во своето обраќање до јавноста по состанокот на парламентарното мнозинство, меѓу другото, изјави и дека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ со своите изјави го урива надворешнополитичкиот кредибилитет и угледот на Хрватска во меѓународната заедница.

Ваквиот став на Пленковиќ доаѓа откако претходно хрватскиот претседател Милановиќ изјави дека Крим никогаш нема да се врати под украинска контрола, но и дека Косово ѝ е одземено на Србија.

– Ова не е првпат да слушнат ваква изјава. Па, човекот е ѕвезда не само во Москва туку и во Белград, рече Пленковиќ за Милановиќ.

Изјавата на Милановиќ го предизвика реакција од украинска страна. Портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко, во објава на Фејсбук нагласи дека ставот на Милановиќ за Крим се неприфатливи бидејќи го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на Украина.

На ова, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, пак, кажа дека Украинците реагираат онака како што треба да реагираат и додаде дека украинската страна не контактирала со него во врска со изјавите на претседателот.

Премиерот на Хрватска додаде оти Милановиќ го поткопува кредибилитетот на надворешната политика на земјата со изговарање погрешни реченици, погрешни ставови и погрешни пресуди, и заклучи дека тој оди „од лошо на полошо“, но дека „за среќа, луѓето знаат кој е кој“.