Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, пред почетокот на Самитот на ЕУ, порача дека може да се расправа за нова методологија на преговарачкиот процес за земјите кандидати, но не и да се менуваат правилата сега.

Ова е одговор на шефот на хрватската влада на предлогот на Франција да се менува прво методологијата на преговорите пред да се започнат преговори со Северна Македонија и Албанија.

-Ова е прашање на кредибилитет на целиот процес, не може правилата да се менуваат додека се игра натпреварот, не е фер. Новата методологија, која ја сугерира пред сѐ Франција, ќе ги донесе земјите во различни положби, Србија и Црна Гора во однос на тоа што утре би го правеле Северна Македонија и Албанија со новата методологија, па што ли ќе биде со Босна и Косово. „Да“ за расправа, но менување на правилата на игра во тек, „не“, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека Загреб поддржува отворање на преговорите со Скопје и Тирана.