Со две средби денеска во Бугарија почнува работа контакт групата предводена од Росен Плевнелиев и Соломон Паси со цел е да бараат допирни точки меѓу силите застапени во Парламентот и можно владејачко мнозинство за приоритетните прашања за државата и да се формира влада.

Контакт групата за денеска ги покани на разговор претставници на ГЕРБ-СДС и на политичката партија „Бугарски подем“.

Писмено ги одбија од „Продолжуваме со промената“ и од „БСП за Бугарија“.

– Нашата мисија би ја дефинирал како нешто помеѓу „невозможна мисија“ и „умри машки“, изјави Паси на новинарите пред состанокот на контакт групата во Националното собрание на Бугарија. Тој и претседателот (2012-2017) Росен Плевнелиев денеска почнуваат разговори со пратеничките формации во обид да најдат заеднички јазик меѓу политичките сили во 48. Собрание.

Идејата за контакт групата е на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

Плевнелиев посочи дека целта е да се бара решение засновано на националните приоритети, кое ќе биде ставено во дневниот ред на Парламентот.

– Ситуацијата во Бугарија и регионот денеска ја оценуваме како исклучително критична и ризична, потребни ни се работни институции и решенија, смета тој. Јас и Паси, истакна Плевнелиев, ја презедовме тешката задача да ги натераме политичките партии да излезат од рововите, да разговараат меѓу себе и заедно да побараат договор.

– Тоа не значи дека зборуваме за создавање на каква било коалиција, напротив – на најпрагматичен начин, еден по еден, ќе поминеме низ многу долга листа на приоритети кои се итни. Немаме его, тргнуваме од размислувањата дека треба да се работи за институциите кои работат, нагласи тој.

Приоритетите се поврзани со интеграцијата во Шенген, превооружувањето на бугарската армија, со Планот за закрепнување и одржливост, борбата против корупцијата.

– Ќе ги прашаме сите партии дали се подготвени да бараат решение врз основа на овие приоритети и дали се, дали се подготвени да преземат одговорност за формирање влада со кој било мандат, објасни Росен Плевнелиев.

Подоцна денеска ќе се одржи средбата со „Бугарски подем“.

В понеделник има средба со ДПС, се очекува реакцијата на „Демократска Бугарија“.