Најновиот извештај на американска владина агенција открива дека поплави поради висока плима во САД се случуваат двапати почесто отколку пред 30 години и тој тренд ќе продолжи со порастот на нивото на морето.
Американската Национална океанографска и атмосферска администрација во својот извештај предупредува дека поплавите што ги предизвикуваат високите плими лани поставиле рекорд во повеќе од четвртина од 98 локации кои таа агнеција ги набљудува ширум државата.
Во извештајот се вели дека лани Сабин Пас во Тексас имал 23 такви поплави, додека Атлантик Сити во Њу Џерси и Бостон во Масачусетс имале по 22 такви денови. Како што се наведува некои градови во САД имале помалку поплави, но во многу од нив регистрирани се рекордни висини на водата.
– Поради пораст на морето, просечната национална зачестеност на појави на плима е двојно зголемена во однос на пред 30 години, пишува во извештајот. Експертите укажуваат дека тоа се „предупредувања“ и оти долж американскиот брег е потребна акција.