Новата влада на Италија вчера најави дека ќе го преиспита договорот за гасоводот ТАП, при што новоименуваниот министер за екологија Серџо Коста рече дека гасоводот е бесмислен.

ТАП треба да пренесе гас преку Балканот, Албанија и Грција, до Италија. Потеклото на гасот се очекува да биде од Азербејџан, и тој да биде доставен до Грција преку гасоводот ТАНАП во Турција. Проектот во кој инвестираат британски БП, италијански Снам и шпански Енагас, беше најавуван како алтернатива за руското снабдување на Балканот и Европа со гас.

– ТАП е на масата и го разгледуваме како приоритетно прашање. Имајќи ја предвид нашата енергетска политика и намалената потрошувачка на гас во Италија, од денешна гледна точка проектот изгледа бесмислено, изјави Коста.

Италија увезува 90 проценти од своите потреби на природен гас, главно од Русија, Либија, Алжир и Холандија. Критики за проектот ТАП упатија и еколошки здруженија, кои се блиски до партија М5С од чии редови доаѓа Коста. Министерката за јужна Италија Барбара Лежи, исто така од М5С, оцени дека гасоводот е непотребен еколошки штетен проект и дека Италија веќе добива доволно гас од други извори. ТАП би доставил дополнителни 10 милијарди кубни метри азербејџански природен гас до Италија.