Сите валидни лични документи на кои стои старото име „Република Македонија“ нема да важат по рокот до 12 февруари 2024 година, според Преспанскиот договор, велат од МВР. Прашање е дали ќе настане хаос со оглед на краткиот период од шест месеци во кој граѓаните ќе мора да ги променат пасошите, личните карти и возачките дозволи, известува Радио Слободна Европа.

На 13 февруари 2024 година нема да можете да преминете надвор од државните граници со валиден пасош на кој стои старото име „Република Македонија“, односно, од тој датум, станува невалиден. Исто така, ако ве запре полиција со возило ќе ви напише казна ако вашата возачката дозвола не е со името „Република Северна Македонија.“ Неважечки ќе бидат и личните карти. Ниту една институција нема да ги прифаќа како важечки документ.

Издадените лични карти, пасоши и возачки дозволи кои се со важечки датум, но го содржат името „Република Македонија“ ќе важат најдоцна до 12 февруари 2024 година, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Радио Слободна Европа.

„Старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. Со стара патна исправа нема да може да се преминува граница, ниту пак ќе биде прифатена како документ во институциите и со стара возачка дозвола нема да може да се управува моторно возило“, велат од МВР.

Кусото време за замена на пасошите и другите лични документи веќе создава долга листа за чекање. Ако се обидете да закажете термин телефонски, резервација ќе добиете за околу еден месец. Закажувањето преку интернет не успева лесно, па опцијата е да се јавите телефонски. Побрзо термин се добива само по итна постапка, за неколку дена, ама се плаќа три пати поскапо.