По 30-часовна потрага попладнево е пронајден новинарот Стефан Цветковиќ по кого се спроведе огромна потрага, а неговото исчезнување предизвика бура од реакции во целиот регион.

Лично претседателот на Србија, Александар Вучиќ попладнево објави дека Цветковиќ е пронајден жив и здрав и дека се наоѓа во полиција на испитување.

Тој на конференција за новинарите рече дека по 30-часовна потрага е пронајден на поширокото подрачје на Бела Црква, Војводина.

„После 30 часови тешка и напорна работа дојдоме до сериозни резултати, најсериозни и сакам да ја известам јавноста дека Цветковиќ е во наши раце, пронајден, жив и здрав,ни влакно на главата не му фали“, истакна Вучиќ.

Инаку српската полиција спроведе потрага по новинарот кој меѓу 13 и 14 јуни исчезнал во Бела Црква, Војводина. Локалната полиција потврди дека автомобилот на Цветковиќ го пронашла паркиран, со отворени врати и со запалени светла. Медиуми известија дека кога автомобилот бил пронајден се уште му работел моторот, а очевидци потврдиле дека на тоа место бил пронајден неговиот рачен часовник и искршена бразлетна. Неговиот мобилен телефон бил исклучен.

Мистеријата има и политичка заднина затоа што Цветковиќ го истражувал случајот со убиството на лидерот на Србите на Косово, Оливер Ивановиќ.

Колеги велат дека кон него стигнувале закани од разни страни, еднаш му го икслучиле телефонот, еднаш му била оштетена колата, додека локални политичари го нарекле „легитимна цел“ и „странски платеник“.