Гледавме долги прес конференции на владата, но одговор на главните прашања нема. Димитар Ковачевски и Крешник Бектеши со недели бегаат од одговор на најсуштинското прашање – Зошто ако навистина сакале да нема рудник во Иловица дозволиле фирма на семејството Дестани кое важи за блиско до ДУИ да влезе во сопственичката структура на Еуромакс Ресурсис, и тоа во време кога се води спор по еднострано раскинат договор од страна на владата, со купување на 25% од акциите. Напоменувам, владата според закон е таа без чија дозвола Дестани не можел да стане дел од Еуромакс Ресурсис, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
-Оттука легитимно се поставуваат следните неколку прашања на кои владата не сака да даде одговор, бидејќи неминовно може да се дојде до заклучокот дека Ковачевски и Бектеши се обидоа да го протнат овој случај далеку од очите на јавноста.
Прво, зошто пред Дестани да влезе во Иловица владата води хајка против рудникот, и СДС и ДУИ, а откако Дестани презема удел таа хајка запира?
Второ, зошто Дестани влегува во фирма која во моментот на неговото влегување има спорна концесија? Дали и како знаел дека институциите ќе ја вратат и дали и како знаел дека владата година дена потоа ќе ги спои тие концесии?
Трето, дали компанијата на Дестани дозволила потребна студија за влијание врз животната средина да ја нема, зошто нашите информации говорат дека таква студија нема и не е доставена, и ако не е зошто не е, ако доставиле нека ја покажат?
Четврто, следствено на третото прашање се поставува прашањето какво искуство има компанијата на Дестани во копање на злато и кои стандарди ќе бидат применети, со оглед на тоа што истата воопшто не работи во таа област. Како тогаш струмичани да веруваат дека почвата во струмичко нема да се контаминира и дека рудникот нема негативно да влијае на животната средина?, прашува Митева.
Таа додава дека владата нема одговор, затоа што очигледно е дека рудник во Иловица со Дестани како дел од него со СДС и ДУИ се оние кои што сакаат тоа да се реализира.
„Но, владата треба да знае, дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го преиспита целосно случајот со влегувањето на Дестани во Иловица, и дали се исполнети сите процедури. Секоја нерегуларност ќе биде најстрого санкционирана“, вели Митева.