Властите на Тунис денеска им дозволија на 40-ина мигранти да влезат во пристаништето Зарзис, откако минаа повеќе од две недели на расипан брод за кој се водеше спор меѓу Тунис, Италија и Малта.

Бродот Сарост 5 ги примил мигрантите од нивното бродче кое се расипало и насукало во близината на тунискиот брег. Но, туниските власти одбија да ги примат мигрантите, велејќи дека тие треба да бидат пренесени до Италија или барем од Малта.

– Првата интервенција за помош на мигрантите се случи во зона која им припаѓа на малтешките власти. Се разви контроверза околу тоа кој треба да ги прими мигрантите. Ние, од наша страна, постапивме претпазливо. Тунис одби да отвори кампови за прием на мигранти. Овој брод не смее да биде употребен како изговор за тоа да се случи, изјави тунискиот премиер Јусеф Чахед.

Мигрантите добиваа храна и лекарска помош за време на нивниот престој на отворено море, но до денеска немаа дозвола да стапнат на копно. Тие испловиле од Либија, која беше една од главните рути за илегален транспорт на мигранти до Европа, но во изминатите месеци рутата е во голема мерка затворена, откако Италија соопшти дека веќе нема да ги прима бродовите со мигранти.