Македонската фудбалска репрезентација дојде до лесна и убедлива победа против Гибралтар во Лигата на нации и тоа со 4-0. Сите дилеми околу трите бода нашите фудбалери ги решија по само половина час игра на „Тодор Проески“ во Скопје.

Селекторот Благоја Милевски се реши за повеќе измени во почетниот тим во однос на составот со Грузија, па и со „шарен“ состав доминиравме против аутсајдерот. Енис Барди го отвори натпреварот уште во 4.минута со фантастичен гол од слободен удар.

Нашиот капитен потоа центрираше во 14.минута, а Бојан Миовски со глава реализираше за 2-0, што беше негов деби-гол во репрезентацијата. Истиот играч реализираше за 3-0 само две минути подоцна. Конечните 4-0 ги постави Дарко Чурлинов во 31.минута по асистенција на Тодор Тодороски.

Во вториот дел, Милевски од игра ги повлече и Барди, Езгјан Алиоски, Чурлинов, а нешто подоцна и Елмас, па до крајот иако продолживме да доминираме немавме реализација за уште поубедлив триумф.

На вториот натпревар во нашата група Грузија и Бугарија ремизираа без голови. На врвот на табелата во групата 4 во Лигата Ц, Грузијците водат со 10 бодови, Македонија е втора со седум, Бугарија има три, додека Гибралтар е последен со само еден бод.

Последните два натпревари од Лигата на нации се играат кон крајот на септември, кога на 23-ти гостуваме кај Грузија, а во последното коло, три дена подоцна ја пречекуваме Бугарија во Скопје.