Врие од незадоволство од ниски плати и лоши услови за работа, продолжуваат заканите за протести и штрајкови, а во Владата си префрлаат дописи едни на други и никој ништо не презема.

Околу 500 вработени од 15 подружници не ја земале јулската плата , а неизвесно е и дали ќе земат до крајот на годинава. Денеска вработените од АД Водостопанство Скопје излегоа пред просториите на на дирекцијата и предупредија : или плата и одговор што ќе се случува со нив до крајот на годината , или во понеделник вработените од цела држава ќе излезат на протест пред Владата . Синдикатот уште минатата недела испратиле допис до Владата, а од Илинденска само им одговориле дека случајот го препратиле кај вицепремиерот за економски прашања .

Денеска сме тука да изразиме револт и незадоволство за неисплатена плата за месец јули иако денеска е веќе 31 август и веќе од утре почнува да тече рокот за плата за месец август. Доколку денеска не се исплати, од утре работниците во АД „Водостопанство“ ќе немаат ни здравствено осигурување. Во текот на изминатата седмица кога од директорот на АД „Водостопанство“ претставниците на синдикатот беа информирани дека ќе нема средства за исплата на јулската плата и ќе нема исплата во неколку наредни месеци натаму ние писмено се обративме до Владата на РМ каде што побаравме средба и да најдеме заедничко решение за исплата на платите. Од Владата исто добивме писмено соопштение дека нашето барање било разгледано и дека нашиот случај е препратен на постапување до кабинетот до претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи. Во истиов допис нема ни конкретно решение како би се решил проблемот, нема ни конкретен датум кога би имало плати, а ни кога би имало средба со Владата, рече Игор Китаноски претседател на Агро синдикат

„Во период кога сите цени драматично растат, кога не можат ни основни продукти за храна да купат луѓето, кога утре почнува школската година, нашите вработени не можат на своите деца да купат ни прибор. Бараме Владата како единствен сопственик на акционерското друштво Водостопанство да го реши проблемот, да изнајде средства“, рече Коста Малзарков претседателот на подружницата на АД „Водостопанство“.

И машиновозачите продолжуваат со бојктот. Бараат да им биде исплатена вториот дел од јулската плата, зголемување на коефициентот на сложеност по кој се пресметуваат платите и обезбедување на неопходни услови за безбедна работа . Вработените бараат да бидат повлечени суспензиите за дел од нивните колеги.

Сите прашуваат зошто се бојкотира, а никој од менаџерскиот тим не дава објаснување зошто нема плата, кое е основно средство за живеење. Крајно време е одговорноста за нефункционалноста и пропаста на железницата да ја преземе менаџерскиот тим и Владата. Доста покажуваат со прст кон нас, крајно време е да го свртат прстот кон себе за состојбата во која не донесоа. Бараме од денеска да биде суспендиран цел машински персонал, а не само тие 12 машиновозачи, изјави Димовски.

Зголемувањето на функционерските плати за 78 отсто , ја помина црвената линија кај работниците од сите сектори . „ Жешка синдикална есен“ најавува јавната администрација, здравство , судство, медицински персонал . Најава за генерален штрајк прво има во судската администрација .