Екипи на ЈПКД „Комуналец“ денеска продолжија со расчистување на остатоците од големиот пожар во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Завчера и денеска до пладне се исфрлени околу триста тони најразличен отпад, најмногу од делот на Градскиот пазар каде изгореа голем број тезги и продавници.

Според Бранко Ѓоргиев од „Комуналец“, околу 60 отсто од вкупниот отпад и опожарен материјал веќе е исчистен.

-Денеска почнавме со расчистување и на остатоците од пожарот од првиот спрат, а претпладнето ги изнесовме остатоците од неопожарениот дел каде претежно имаше зеленчук и овошје, кои се неупотребливи. Работиме според планираната динамика и се надевам дека до средината на идната недела ќе завршиме со чистењето за да може да почне санирањето и изградба на деловите кои беа зафатени од пожарот, рече Ѓоргиев.

Во пожарот, кој избувна на 2 овој месец во 23:12 часот, опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот, а урнат е и дел од покривот.