Најпознатиот македонски кларинетист и саксофонист и крал на ромската музика, Ферус Мустафов, почина на 72-годишна возраст.

Веста за неговата смрт ја потврдила сопругата Јелена, која открила дека погребот на нејзиниот сопруг според желбата на Ферус ќе биде во Штип.

-Починал минатата ноќ, а лошите вести ни ги кажаа утрово. Скршени сме од болка, сите се надевавме дека ќе оздрави. Пред некој ден ни кажаа дека е подобар и затоа се надевавме дека ќе биде сè во ред, откри неговата сопруга.

Ферус на 26 април имал мозочен удар поради што веднаш бил хоспитализиран во болницата 8 септември, каде и починал.

Ферус е роден на 20 декември 1950 година во Штип во ромско семејство на музичари. Тој имаше богата кариера со голем број настапи низ целиот свет и остави големо музичко наследство.