Со сенароден митинг пред Владата, ВМРО-ДПМНЕ синоќа ја започна кампањата за претседателските избори.
Реки народ пред Владата присуствуваа на синоќешниот митинг и им дадоа поддршка на професорката Гордана Силјановска Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ.
Според проценките, синоќа пред Владата присуствуваа над 60.000 луѓе. Народот порачува дека време е за промени во земјава, што впрочем го потврдуваат и анкетите.
-Гордоста не се купува или подарува. Гордоста се заслужува. Ова е годината кога одбележуваме 80 години од македонската државност, 80 години од АСНОМ. Партизаните, беа инспирирани од првиот Илинден и затоа влегоа во вториот Илинден, во борба за слобода. Е така се гради гордост, тие загинаа за нас , за Македонија да ја направат горда. Ние тоа мора да го почитуваме. Тие тоа го заслужуваат, нашиот народ тука тоа го заслужува, истакна Силјановска Давкова.
Таа вети дека ако стане претседател на државата повторно ќе ја отвори Народната канцеларија на претседателот, која беше отворена од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов. Рече дека нема да оди надвор од Македонија и да преговара без да оствари консензус за клучните прашања за државата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е и носител на листата во Првата изборна единица на Парламентарните избори, оцени дека „народот доаѓа по своето, по тоа што му е одземено“.
– Доаѓа по Македонија, до големите промени со кои на сите ќе им покажеме дека не ја даваме, дека сите заедно сме силата на Македонија, истакна Мицкоски.
Според него, партијата е посилна од кога било, обединета, сложна, со јасна заедничка цел.
-Идејата не можат да ја уништат. Нашата идеја се вика Македонија. Да ја вратиме во рацете на народот, и да ја одземе од стотина функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ. Проблемот на Ковачевски е што државата му ја подари на Ахмети и тоа на тацна, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави промени, но и дека во кампањата ќе зборува за понудата, а против другите кандидати на изборите.