ЈО за организиран криминал денеска поднело обвинение за случајот наречен „Плацеви на Водно“. Кривичниот совет на Судот допрва треба да изврши оценка на обвинението.

Истрагата „Плацевите на Водно, пред неполни седум месеци ја отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Случајот беше дел од т.н. случај „Империја“ отворен од СЈО, но потоа беше издвоен.

Обвинителката Лиле Стефанова ја водела предистрагата, а предметот и понатаму е во нејзините раце. Осомничени се Никола Груевски, Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Груевски по отворање на случајот и првичната мерка притвор за Камчев негираше дека поседува било каков таен имот.

Еве што всушност стои во соопштението на Судпот:

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против 6 лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела Перење пари и други приноси од казниво дело по чл. 273 ст.1 како и Противправно стекнување и прикривање имот од чл. 359-1 ст. 1 од КЗ за еден од обвинетите, а поврзано со истрагата во јавноста позната како „Плацеви на Водно“. Обвинението согласно АКМИС – системот е распределено на оценка на совет за оценка на обвинител акт за понатамошно постапување.

Воедно со обвинителниот акт поднесен е и предлог за продолжување на мерката притвор за Ј.К. и определување мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода за Н.Г., како и мерки на претпазливост за Н.Ј. и Р.К.К.

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по предлогот, утврди дека сеуште постојат основите од чл. 165 ст.1 т.1 од ЗКП и донесе решенија со кои го прифати предлогот на Јавниот обвинител и го продолжи притвор на Ј.К. за 30 дена, определи мерка притвор од пронаоѓање односно лишување од слобода за Н.Г., а ги прифати и предложените мерки за претпазливост против останатите двајца обвинети.

Против овие решенија странките имаат право на жалба пред второстепениот суд.