Со жестоки кавги почна расправата на Комисијата за европски прашања за Предлог – законот за државјанство, кој го договори власта со оартиите на македонските Албанци, кој Владата го поднесе со европско знаменце, иако нема допирна точка со тоа.

По низата процедурални забелешки претседавачот на Комисијата, Арбер Адеми сепак, го стави дневниот ред на гласање. На Законот за државјанство биле поднесени 1006 амандмани, од кои 6 на ВМРО-ДПМНЕ се одбиени како неуредни.

Професорката Гордана Силјановска вели дека нема никаква основа овој закон да има европско знаменце.

„Членот 178 од Законот кој што се однесува на скратената постапка кога е во прашање дури и усогласување со ЕУ-законодавството и правото во последната алинеја вели – тоа не е автоматски туку ако не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на ЕУ. Ниту има овде усогласување со правото на ЕУ, ама да бидам искрена државјанството е еден многу сложен институт“, посочи Гордана Силјановска.

Опозицијата ги бараше на увид сите илјада амандмани кои се поднесени, но од владејачкото мнозинство инсистираа прво да се утврди дневниот ред за да почне да тече времето од два дена за расправа. Скендер Реџепи од Алијанса Алтернатива ги повика пратениците да го усвојат законот.

Законот за државјанство има европско знаменце и се носи по скратена постапка. Со него е превидено државјанство да може да се стекне со приложување на лични документи, извод од родени, работничка книшка, имотен лист, комунални сметки, здравствена книшка, платени даноци и друго.