Францускиот фудбалски репрезентативец Пол Погба е многу критикуван од навивачите во пресрет на Светското првенство во Русија. Тој на пријателскиот натпревар со Италија одигран пред неколку дена беше исвиркан од навивачите поради слабата игра.

Набргу потоа во анкетата на навивачите беше заклучено дека играчот на Манчестер Јунајтед не заслужува да патува на Мундијалот.

На ваквите коментари и однесување на навивачите Погба одговори со прашање:

– Не знам зошто не го критикувате Лионел Меси кога тој се шета по теренот? Ако постигне три гола не знам дали некој воопшто смее да каже дека само се шета по теренот. Немате право ни мене да ми говорите како играм, им порача Погба на неговите критичари.

Францускиот репрезентативец зад себе има лоша сезона во дресот на Манчестер Јунајтед и останува да се види дали тоа ќе се одрази на неговата игра во националниот тим.