Власта си го истера ќефот. Откако преку своите вазали во судството не’ малтретираа по судови максималната можна должина од 6 години, во процесот за одамна заборавената и испоганета од нивна страна Шарена – ни пресудија.

Ова го истакнува во својата објава учесникот во тн. Шарена револуција во Македонија, Здравко Савески.

– Виновни сме биле! Виновни зашто протестиравме заради погазувањето на владеењето на правото, што овозможуваше сторители на тешки кривични дела да бидат амнестирани. За таа борба за владеењето на правото ни демонстрираа судиите како се одработува по партиска задача и како може да се пресуди со тотално занемарување на правото на обвинетите да се бранат, објавува Савески на Фејсбук.

Тој натаму во објавата додава:

– Да биде трагиката поголема, тројца од петте судии беа поротници. Во крајна линија, тоа најмногу ме боли. Можеа да реагираат на тоталното газење на процедурата. Ама, не, нивната задача беше да молчат како попчиња и да си кркнат некоја паричка. Никаква граѓанска доблест, никаква граѓанска чест! Никакво чувство за морал да се каже: „Јас во оваа фарса повеќе не учествувам!“ Кога некој ќе проба да ви кажува дека имало демократија, правна држава или правда во Македонија, исмејте му се во лице. Ова што нас ни го направија не е никаков исклучок, туку само уште еден од редицата примери колку е гнил правниот и политичкиот систем. Ми се гади од нив!- објавува Савески.

Оваа реакција на Савески доаѓа откако „Здравко и Владимир се осудени условно 6 месеци и досудена им е отшета од половина милион денари за демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, за време на Шарената револуција пред 6 години. Тие се осудени за кривичното дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, објавено е на Фејсбук од нивни поддржувачи.

По насилствата од тн. Шарена револиција во Македонија, по која Зоран Заев и СДСМ беа донесени на власт и го сменија уставното име на Република Македонија, сега има многу разочарани шарени револуционери кои се кааат. А тие каења, како ова на Савески, сега може да се коментираат кратко со ироничната: „По баење, нема каење“!

(Д.Г.)