Полициското куче Сомбра, рекордер по откривањето наркотици во Колумбија, е преместено од безбедносни причини, по дојавата дека нарко-картелот Урабењос понуди награда од 70.000 американски долари за него.

Се работи за шестгодишна женка германски овчар, која е заслужна за откривање околу 10 тони кокаин којшто бил пуштен во промет од таа банда.

Урабењос се смета за најмоќната криминална организација во Колумбија, а нејзиниот лидер Даиро Антонио Усуга е еден од најбараните луѓе во Колумбија. Така, засега за кучето е побезбедно да работи на меѓународниот аеродром кој се наоѓа вон главното подрачје на делување на бандата.

Сомбра претходно беше користена на пристаништата на атлансткиот брег, посебно во градот Турбо, од кој тони кокаин се испорачуваат со глисери и подморници во Средна Америка и САД.

Сомбра, чиешто име во превод значи Сенка, е заслужна и за апсење на 245 осомничени трговци на дрога.