По изјавата на министерката за туризам на Грција, Елена Кундура дека ја поддржува грчката Влада, Панос Каменос, преку неговиот официјален Твитер профил ја отстрани од пратеничката група на Независни Грци, јави МИА од Атина.
-Госпоѓа Кундура преку официјално соопштение одлучи да го замени нејзиниот глас и името на Македонија со министерската фотелја. Уште од сега ја ставам вон пратеничката група на Независни Грци, напиша Каменос на неговиот официјален Твитер профил.
Како што претходно објавивме, Кундура, преку изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА, рече дека ја поддржува владата и порача дека не преговара за нејзиното право да гласа онака како што и налага совеста.
Со поддршка на кабинетот на Ципрас се јави уште еден сопартиец на Кундура:
– Ќе гласам за доверба на владата Длабоко сум уверен дека оваа влада треба да добие можност да ја заврши својата работа со низа големи реформи и закони кои ќе ја вратат во нормала земјата и ќе отстранат секакво сценарио за дестабилизација. Од оваа причина ќе дадам глас за доверба на владата, вели заменик министерот за земјоделство, Василис Кокалис од редовите на Независни Грци, во неговата писмена изјава до медиумите.
Тој, заедно со неговата сопартијка, министерката за туризам Елена Кундура, се дел од владината делегација во Кина.
Двајцата министри од редовите на Независни Грци не присуствуваа на вчерашната прес конференција на Панос Каменос.