Туристичката сезона во северна Грција не оди добро годинава, констатира во обемната анализа објавена денес неделникот Тесњуз, која покажала гоолем  пад на туристите од Русија, од Турција, но и домашните Грци.

Во анализата се наведува дека наместо „поплава“ има „истребување“ на туристите од Русија и од Турција. Сепак, турзимот го одржуваат во живот Бугарите, Србите, „скопјаните“ и Романците. Како главен удар на Халкидики се смета тоа што Турција драстично ги намали цените, како и падот на лирата, и политиката на Атина кон Москва со протерувањето руски дипломати.

Тесњуз пишува дека многу туристи решиле аранжманите да ги откажат и на 10 август и да се префрлат во Турција, затоа што одморот таму е и до 50 отсто поевтин отколку на северот на Грција. Вкупно, според хотелската асоцијација на Халкидики, прометот ова лето е намален за десет проценти.

За споредба, ако лани на Халкидики дошле 900.000 туриссти од Русија, годинава таа цифра е намалена под 800.000, додека во Турција заминале 4,5 милиони. Туристичките работници велат дека оваа година Грција не е топ дестинација за Русите, а како главна причина ја наведуваат дипломатската војна која ја отвори Атина.

Турските турсити исто така „испариле“, па ги нема ниту на Халкидики, ниту во Пиерија, а многу помалку престојуваат во Тракија. Нивното место во Солун го заземале Израелците. Падот на турски туристи годинава е дури 60 проценти. Во 2017 година, за споредба, во Грција престојувале 800.000 турски туристи.

Инаку, како што се наведува во анализата, годинава Турција покажала најодбри резултати на полето на турзимот во Европа со скок од цели 33 проценти.

Во анализата се нагласува дека иако туристите од Србија, Романија, Македонија или од Бугарија ги има во голем број, сепак, тие за разлика од Русите, главно се сместуваат во соби и трошат многу помалку од руските туристи.

На крајот на анализата се заклучува дека за ваквата ситуација не е виновен само „факторот Турција“ туку и новата даночна политика. Според Алфа банка најголем предизвик е негативното влијание на високите даноци за хотелите и за сместувачките капацитети. Со таква даночна политика се смета дека Грција не може да биде конкуретнтна на полето на турзимот.