Српскиот претседател Александар Вучиќ докажа дека е вешт во балансирањето меѓу Западот од една страна и Русија и Кина од друга, пишува „Политико“, додавајќи дека Вучиќ се стекнал со репутација на личност која без напор игра за секоја страна, во која било ситуација, јави дописникот на МИА од Белград.
Кога Вучиќ не е зафатен со балансирање меѓу Западот, Русија и Кина, тој се фокусира на убедување на гласачите дека е просечен човек, како и тие, пишува бриселскиот портал.
На почетокот на септември тој помина неколку дена со српските војници, правејќи им палачинки или варејќи џем во Подриње, каде што е планиран нов рудник за литиум. Минатата година во изборната кампања, потсетува Политико, направи шоу со сендвичите со мајонез и паризер во половина леб.
Неговата способност да му биде се на секој човек одлично му служи на геополитичката сцена, посочува бриселскиот портал Политико и наведува дека многу се разликува од ресторанот „Салон 1905“ кој Вучиќ им го препорачал да мораат да го посетат и да ручаат.
Додворувајќи им се во исто време на Кинезите, Американците, Русите и Европската Унија, кои ја гледаат Србија како клучна фигура на глобалната шаховска табла, Вучиќ успеа да ги убеди сите дека е или на нивна страна или на прагот да постигнат договор.
Слушајќи го Вучиќ за време на интервјуто во Белград и неговото толкување на светот, станува појасно како успева да ги шармира, но и да ги фрустрира лидерите на државите кои се многу поголеми од Србија, наведува порталот во авторскиот текст.
Вучиќ истакнува дека е горд на пријателските односи кои ги изградил со кинескиот претседател Си Џинпинг, кој неодамна по втор пат ја посети Србија. Претседателот на Србија ја посети Кина вкупно шест пати, повеќе од кој било друг европски лидер.
Тој истакна и дека има „релативно добри односи“ со актуелниот американски претседател Џозеф Бајден, како и фактот дека тој бил веројатно „најдобро подготвениот човек“ што некогаш го сретнал и дека некогаш го „потценил“.
Кога станува збор за Доналд Трамп, претседателот на Србија изјави дека двајцата „имале многу добри односи“, нарекувајќи ги луѓето од кабинетот на Трамп „вредни и посветени“. На прашањето кого би сакал да го види за нов претседател на САД, Вучиќ одговори дека има преференции, но дека не сака јавно да зборува за тоа.
-Како и во секој разговор со Вучиќ, беше тешко да се дојде до суштината, но тој беше изненадувачки искрен кога го прашавме што добива Србија од Русија и Кина, имајќи предвид дека најголемите инвеститори во неговата земја се европски-Германија, Франција и Италија, пишува Политико.
„Ја добиваме нивната поддршка за територијалниот интегритет на Србија“, рече Вучиќ. Тој тврди дека Србија е посветена на членството во ЕУ, но сепак одбива да ги почитува санкциите што Брисел и ги воведе на Москва поради нејзината агресија врз Украина.
Во исто време, Вучиќ е подготвен да продава муниција на западните земји, знаејќи дека таа ќе направат полукруг и ќе замине на бојното поле во Украина, наведува порталот.
Политико во текстот се осврнува и на прашањето за литиумот, односно залихите што ги има Србија, а кои се клучни за производство на батерии за електрични автомобили. Германскиот канцелар Олаф Шолц и европскиот комесар Марош Шефчовиќ постигнаа низа договори во јули во Белград, овозможувајќи им на европските производители на автомобили пристап до српското „бело злато“.
До моментот кога Србија ќе влезе во ЕУ, ако тоа некогаш се случи, Вучиќ ветува дека повеќе нема да биде претседател бидејќи според Уставот на Србија има право на два мандата, а вториот истекува во 2027 година. Сепак, тој се уште ужива голема поддршка, како и неговата Српска напредна партија (СНС) со 47 отсо.
Новинарите на Политико пишуваат дека во „фан клубот“ на претседателот на Србија се и вработените во белградскиот ресторан „Салон 1905“, каде тие ручале, а келнерот кој ги послужил им рекол дека се уште немал можност да го послужи шефот на државата, додавајќи дека би бил горд да го стори тоа.
-Кога ја побаравме сметката, Данило (келнерот) рече дека тоа е решено од кабинетот на претседателот. Откако протестиравме, тој се консултираше со менаџерот и рече дека ништо не можат да направат. Тоа им создаде главоболка на сметководителите на бриселски Политико, кои сега треба да побараат од канцеларијата на претседателот сметка за да може да се плати нашиот раскошен оброк.