На помалку од еден месец пред одржувањето на парламентарните избори во Словенија, партијата на актуелниот премиер Јанез Јанша и новоформираното Движење за слобода на Роберт Голоб се речиси изедначени во нивните шанси да добијат релативно мнозинство во новиот Парламент, покажуваат резултатите од денеска објавената анкета.

Според анкетата на агенцијата Медијана спроведена за телевизијата ПОП-ТВ, Словенечката демократска партија на Јанша би освоила најмногу гласови (16,8 отсто), со минимална предност пред Движењето за слобода на Голоб, кое би освоило 16,7 отсто.

Во однос на минатомесечната анкета на истата агенција, поддршката за партијата на Јанша е зголемена за 0,4 процентни поени, додека поддршката за Голоб се намалила за 0,7 процентни поени.

На трето место според моменталната поддршка од гласачите е партијата на социјалдемократите (СД) на Тања Фајон, која би освоила 9,4 отсто, што е за 0,8 процентни поени повеќе од минатомесечната анкета.

Според новата анкета, партијата Левица би добила 7,2 отсто од гласовите, а демохристијанската Нова Словенија пет отсто, додека за Листата на Марјан Шарец би гласале 3,8 отсто.

Истата анкета покажува дека 30,8 отсто од испитаниците ја поддржуваат работата на актуелната влада, а 59,2 проценти ја сметаат за неуспешна.

Речиси 18 отсто од гласачите сè уште не знаат за кого би гласале на изборите на 24 април, на кои има околу 20 партиски листи кои се борат за 90 места во новиот Парламент.