Порториканците останаа без електрична енергија на новогодишната ноќ, откако поради дефект на мрежата остана без струја речиси целиот остров. Без струја утрово по локално време останале околу 90 отсто од потрошувачите, објави порталот на компанијата за дистрибуција на енергија ЛУМА Енерџи.

Веројатно ќе бидат потребни 24 до 48 часа за светлата да се вратат „ако дозволат условите“, се вели во соопштението на ЛУМА. „Иако ја истражуваме причината за дефектот, прелиминарните наоди укажуваат на дефект во подземната линија“, додаде ЛУМА.

Гувернерот на Порторико, Педро Пјерлуиси, во објава на социјалните мрежи рече дека неговата администрација „бара одговори и решенија“ од енергетските компании. Тој додаде дека „треба да го забрзаат реактивирањето на производните единици… и да ги информираат луѓето за мерките што ги преземаат за да ја вратат услугата на целиот остров“.

Порторико долго време се бори со хроничен недостиг на електрична енергија додека неговата инфраструктура се распаѓа.