САД го прогласија технолошкиот гигант Амазон виновен за кршење на санкциите поради бизнис соработка со анектираниот полуостров Крим, пишува „Москва тајмс“.

Амазон е казнет поради давање услуги и доставување производи на поединци од Крим, со што се прекршени санкциите воведени од САД, со кои им се забранува на компаниите да работат на анектираниот полуостров.

Технолошкиот гигант, исто така, е прогласен за виновен поради продажба на производи за клиенти во Иран и Сирија, извршување нарачки на луѓе кои се лоцирани или вработени во амбасадите на Кина, Иран, Северна Кореја, Судан и Сирија, како и продажба на предмети на лица под санкции на Канцеларијата за контрола на странски фондови при американското Министерство за финансии.

Амазон е вкупно казнет со 134.523 долари поради прекршоците направени од 2011 до 2018 година.

Компаниите можат да се соочат со сериозни казни поради деловни активности на полуостровот Крим, откако по неговата анексија од страна на Русија поголем дел од меѓународната заедница го прогласи таквиот чин за „нелегален“, што резултираше со воведување санкции против Русија од страна на САД, ЕУ и други западни земји, а на компаниите им беше забрането да соработуваат или инвестираат на полуостровот.